Свети Лав, епископ Катански - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Охрид, 4. март 2024 (ОХРИДПРЕС) - Православните христијани денес го одбележуваат празникот на Свети Лав, епископ Катански.
Свети Лав им беше добар пастир и милосрден наставник на луѓето во градот Катана под вулканската планина Етна. Многу се погрижи околу болните и сиромашните. Неговата ревност за верата беше исто толку голема како и неговото милосрдие кон неволните. Во тој град се појави еден маѓепсник Илиодор, кој го замајуваше народот со разни магиски вештини и ја развраќаше младежта во градот.
Еднаш за време на литургија влезе во Божјиот храм и се зафати да волшебствува. Свети Лав му пристапи, го врза со едното крајче на својот омофор и го одведе на градскиот пазар. Овде нареди да се запали голем оган и кога огнот се разгоре, влезе самиот во него и го вовлече внатре и Илиодор. Илиодор сиот изгоре, а Свети Лав остана неначнат од огнот. Од ова сите што беа замајани од Илиодор и гледаа во него божество се засрамија. А милосрдниот и ревносен Лав се прочу по целото царство како голем чудотворец, којшто со своите пресветли чуда им помага на луѓето.
По неговата смрт од неговите мошти потече исцелително миро. Се упокои во 8 век.
Тропар
Угоднику Божји, ревнителу за верата православна, удостоен да бидеш носител на Христовата благодат, со името Господово исцелуваше, губави очистуваше и против прелестите на овој свет храбро истапуваше. Моли се за нас, Христов чудотворче, огнот на страстите во нас да изгасне и пред Бога да се претставиме во одори на спасение. (Крај)