Распишан конкурсот за учество на годинешното 31. издание на Интернационалниот музички фестивал "Охрид фест - Охридски трубадури" - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Скопје/Охрид, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) - Интернационалниот музички фестивал "Охрид-фест - Охридски трубадури" по 31-ти пат го распиша конкурсот за нови композиции што ќе бидат изведени на годинешното фестивалски издание.
Условите за учество на "Охрид фест - Охридски трубадури 2024" се композицијата да има назнака за која фестивалска вечер е наменета, демо-снимката и текстот треба да се на македонски јазик, композицијата да има наслов, да не е изведувана, сето проследено со податоци на авторите (име, презиме, авторската улога во тимот) и контакт информации. Демо-снимките треба да бидат со пратечки инструменти, пијано и гитара.
На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учеството, а рокот за поднесување на пријавите е до 1 јуни 2024 година. Своите композиции авторите треба да ги испратат на следната електронска адреса: [email protected]
Инаку, концептот и локацијата на одржувањето на Фестивалот не се менува од вообичаеното. Тој ќе содржи две фестивалски содржини - фолк и меѓународната вечер што на 30 и 31 август на добро познатата локација Долни Сарај во Охрид.
Организаторот на фестивалот "Охрид фест" и овојпат ја нагласува својата поддршка на новите пејачки надежи, давајќи поддршка за дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 31-то издание на "Охрид фест- Охридски трубадури".
- Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи "Охрид фест" го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот што е извонредна можност за нивното промовирање. На истата сцена, во 1998 година Тоше Проески ја испеа "Усни на усни" и го започна својот блескав музички пат, посочуваат организаторите на манифестацијата. (Крај)