Календар на МПЦ: Свети Никифор, патријарх Цариградски - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Охрид, 26. март 2024 (ОХРИДПРЕС) - Светата Православна црква денеска го празнува споменот на Свети Никифор, патријарх Цариградски.
Управуваше мудро и ревносно со Светата Црква како најголем цариградски архипастир. Кога Лав Ерменин стана против иконите, тој му се спротивстави на царот и прво го советуваше, но потоа го разобличи. Заради ова нечестивиот цар го протера на островот Проконис. На тој остров имаше манастир којшто самиот Никифор го беше изградил во чест на свети Теодор. Таму овој исповедник на православната вера помина тринаесет години, а потоа се упокои во Господ во 827 година.
Откако изгинаа сите цареви иконоборци и на царскиот престол седна Михаил со мајка му Теодора, а на патријаршискиот беше вратен патријархот Методиј, тогаш (846 година) моштите на свети Никифор ги пренесоа од Проконис во Цариград и прво ги положија во црквата Света Софија од која беше прогонет за време на животот, а потоа во црквата на светите апостоли. Главното празнување на овој јерарх е на 2-ри јуни, а на 13-ти март се празнува откривањето и преносот на неговите нетлени мошти.
Свети Никифор е прогонет од Цариград на 13-ти март, а по деветнаесет години на истиот датум во престолнината ги донесоа неговите свети мошти.
Тропар
Велик Никифоре, пастиру на стадото Христово, денес Црквата глас кон Бога за тебе подигнува, денес Господ блгоизволи чест на твоите свети мошти да подари, од рацете на твојот ученик Методиј патријархот, со радосно срце на Теодора света, телото твое во слава Божја на верните се предава, за сведоштво на животот вечен, за спасение, од гревовите простување на оние кои го празнуваат твојот чесен спомен. (Крај)