Димитриевски од Охрид: Македонија мора да продолжи да се развива како држава - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Охрид, 8. април 2024 (ОХРИДПРЕС) - Македонија мора да продолжи да се развива како држава. За да станеме членка на Европската унија првенствено треба да ја средиме да личи, да биде стабилна и да е самоодржлива држава.
Треба да си ги засукаме ракавите дома, да си се фатиме за работа, да ги спречиме енормната корупција и криминалот што ги создадоа и ги создаваат политичките елити. Тоа го истекна на вчерашниот митинг во Охрид претседателскиот кандидат од движењето ЗНАМ Максим Димитриевски.
- Македонија мора да продолжи да се развива како држава. Ветуваат дека во Европската унија ќе бидеме во 2030 година. Тоа не е точно. Не гледаат во очи и не манипулираат. За да станеме членка на Европската унија првенствено треба Македонија да ја средиме да личи, да биде стабилна и да е самоодржлива држава. Треба да си ги засукаме ракавите дома, да си се фатиме за работа, да ја спречиме енормната корупција и криминалот во државата, којашто ја создадоа и ја создаваат политичките елити. Да станеме свои на своето и тогаш ќе може да се отвори портата во Европа да влеземе таму како достоинствени и горди Македонци, а не како негирани луѓе од балканските простори, порача пред охриѓани Димитриевски.
Тој се задржа и на обвинувањата што некои ги упатуваат кон него околу промената на името на државата.
- Велат дека сум гласал за промена на името. Да им кажам на сите што ме обвинуваат. Максим не гласаше за промена на името, бидејќи во тие моменти водеше град. А Преспанскиот договор беше компромис за влог во иднината на Македонија, бидејќи не плашеа со дестабилизација во континуитет. И тоа е завршена работа. Нам ни треба заштита на националниот и државниот интерес. Затоа од позиција на Претседател ќе понудам национална пратформа којашто ќе ја имаат сите политички партии коишто ќе сакаат да преговараат и разговараат со претставниците од Движењето ЗНАМ за составување на идната власт, да ја потпишат и прифатат. Во спротивно, и така си имаат добри односи, нека си бидат заедно и едните и другите, а ние ќе останеме со граѓаните и ќе бидеме конструктвна опозиција, истакна тој.
Претседателскиот кандидат Димитриевски рече дека Македонија не е мултиетничка држава, туку држава којашто гради и сака да гради реално мултиетничко општество. Тоа, како што рече, подразбира културни и други права поеднакви за сите, но и почитување на законите и извршување на обврските.
- Ако се вее македонското знаме тука, во Охрид, ќе мора да се вее и во Кичево. А не да ни се веат знамиња на други држави. Не дозволувам да се гази по моето наионално, а го почитувам твоето во целост. И така ќе живееме, потенцира Димитриевски и ги повика граѓаните масовно да излезат и да гласаат за кандидатот кој сметаат дека треба да ја добие нивната поддршка, затоа што со тоа ќе добијат сите, а ќе добие и Македонија.
Неговиот караван викендов ги посети Вевчани и Струга, каде имаше средби со граѓаните. (Крај)