Stay on this page and when the timer ends, click 'Continue' to proceed.

Continue in 17 seconds

Календар на МПЦ: Преподобна Марија Египетска - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Календар на МПЦ: Преподобна Марија Египетска - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Охрид, 14. април 2024 (ОХРИДПРЕС) - Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 1. април, денот кој православните верници го слават во чест на преподобна Марија Египетска.

Нејзиниот живот е еден од навпечатливите раскази во историјата на христијанската агиографија. Таа била родум од Египет и живеела во шестиот век. На 12-годишна возраст избегала од дома и се населила во Александрија. Суптилниот раскош на овој голем и славен град бргу ја восхитил девојката, па таа почнала со незгаслива жед да граба за себе што е можно повеќе од земните задоволства. Кога се доближила до возраста од околу 30 години, во нејзиниот живот се случува темелен земјотрес, пресврт кој ја преобразува оваа распусна и разуздана жена во една од најголемите подвижнички-пустиножителки во историјата на Црквата. Се повлекла во Египетската пустина, каде живеела се до својата смрт. За да не остане непознато ова чудесно животно сведоштво, Бог така ги наредил работите што еден монах по име Зосима ја сретнал во пустината оваа подвижничка, ја чул од неа нејзината приказна, а подоцна и ја запишал.

Житие

Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх Св. Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во Задјорданската пустина на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: "Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!" Тогаш Зосим и' ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Ерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не и' допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да и' дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш и' било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и и' се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: "Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!" Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли Свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да и' донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи и' Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на она место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: "Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се преставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни". Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната Светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господ околу 530 година.

Тропар

Пустината се напои со твоите топли солзи, песокта ја претвори во молитви кон Бога непрестајни, ветрот ја пренесе милоста Божја, по твоите молитви, до оние кои ги почитуваат твоите, о мајко Марие, свети подвизи. (Крај)