За денеска е закажно ново рочиште од процесот за случајот Пендиков - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Охрид, 16. април 2024 (ОХРИДПРЕС) - За денеска е закажано ново рочиште од случајот за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, откако на 21-ви март, пред Основниот суд во Охрид не се појави еден од обвинетите и двајца од сведоците и се одложи закажаниот процес.
Причина за одложувањето беше непојавувањето на Борче Ангелов од Битола, еден од обвинетите во предметот, како и на двајца од тројцата сведоци предвидени да дадат исказ пред судискиот совет.
Застапникот на оштетениот, адвокатот Стефан Камишевски, до Судот достави материјално оштетно побарување поткрепено со наод од невропсихијатар, без да појасни пред медиумите за колкава сума станува збор.
Судијата што го води предметот Бојан Мартиноски за наредното рочиште закажано за денеска, 16-ти април побара обвинетиот Ангелов да биде донесен со полициска придружба.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19-ти јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. (Крај)