Календар на МПЦ: Светиот свештеномаченик Симеон епископ Персиски - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Охрид, 30. април 2024 (ОХРИДПРЕС) - Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17-ти април, денот кој православните верници ги одбележуваат во чест на Светиот свештеномаченик Симеон епископ Персиски.
Свети Симеон беше епископ на Персија во четвртиот век, кога во оваа земја христријаните ги гонеше царот Сапор. Царот покрај Симеон погуби уште околу илјада персиски христијани.
Свети Симеон беше погубен на крајот, откако самиот успеа да се одржи за да може до крајот да ги охрабрува останатите. Тој и многумина други пострадаа во 341 или 344 година.
Житие
Во времето на злочестивиот цар Савориј или Сапор, Симеон беше мачен за Христа заедно со неговите двајца презвитери, Авделај и Ананија. Пред нив пострада и царевиот евнух Устазан, којшто прво се одрече од Христа, а потоа трогнат од прекорот на Свети Симеон повторно пред царот ја исповеда вистинската вера. На губилиште заедно со Симеон беа изведени уште илјада христијани. Симеон некако се протна за да може да биде убиен последен, зашто сакаше да ги храбри другите докрај за ниеден од нив да не се поколеба од страв пред смртта. Кога презвитерот Ананија ја положи главата на трупецот, со целото тело затрепери. А царевиот пристав, Фусик, кој беше потаен христијанин, почна да го храбри Ананија велејќи: "Не плаши се, старецу, затвори ги очите и биди мажествен, за да ја видиш Божествената Светлина!" Штом го изговори тоа, го повикаа како христијанин и го обвинија кај царот. Царот го уби во големи маки и него и неговата ќерка, девицата Аскитреја. Најпосле го убија и Свети Симеон, откако прво го испрати своето стадо на оној свет. Следната година на Велики Петок беше убиен и царевиот омилен евнух Азат, а со него илјада други верници. Тогаш царот пожали за својот евнух и го запре натамошното убивање на христијаните. Сите чесно пострадаа за Господ Христос во 341 или 344 година.
Тропар
О пастиру Божји, Симеоне, Христос Спасителот ти ги предаде клучевите со кои ја отвори вратата на Персиската слава маченичка: Авделај и Ананиј, Устазан, Фусик и Азат, Аскитреја и многу други влегоа во реката на крвта нивна заради Небесното Царство и таму засветлија во Тебе, Христе Боже, Кој по нивните молитви и нас спаси не'. (Крај)