Stay on this page and when the timer ends, click 'Continue' to proceed.

Continue in 17 seconds

Календар на МПЦ: Свети великомаченик Георгиј Победоносец - Ѓурѓовден - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Календар на МПЦ: Свети великомаченик Георгиј Победоносец - Ѓурѓовден - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Охрид, 6. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) - Православните верници денес го прославуваат Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец.

Тој живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284-305 година). Неговите родители биле богати, доброчесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврди и исповеди својата вера и љубов кон Христа Господа.

Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц. Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Главни обичаи за време на Ѓурѓовден се: плетење на венец од растенија, миење со водата во која се потопуваат растенија, капење во река. Исто така се плетат венчиња од "ѓурѓевско цвеќе": ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.

Житие

Овој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави с ? заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

Тропар

Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Кондак

Обработен од Бога, ти се покажа како најчесен градинар на верата, и снопови од добродетели собра за себе; откако посеа во солзи, жнееш со веселба; а за борбата што до крв ја водеше, за награда Го прими Христа, и со твоите молитви на сите им даваш прошка на гревовите. (Крај)