Stay on this page and when the timer ends, click 'Continue' to proceed.

Continue in 17 seconds

Научниците потврдија: Праисториската населба кај Лин, на брегот на Охридското Езеро е најстара во Европа, датира од пред повеќе од 8.000 години - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Научниците потврдија: Праисториската населба кај Лин, на брегот на Охридското Езеро е најстара во Европа, датира од пред повеќе од 8.000 години - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид

Поградец/Охрид, 6. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) - Праисториската населба кај Лин, на албанскиот брег на Охридското Езеро е најстара во Европа, датира од пред повеќе од 8.000 години, потврдија резултатите од истражувањата кои полни 4 години ги спроведуваат археолози од Универзитетот во Берн, Швајцарија и соседна Албанија.

Археолозите открија дека на овој дел од езерото се наоѓале куќички со потпорници уште пред околу 8.000 години. За време на серијата нуркања и истражувања, археолозите открија докази кои сугерираат дека населбата била зајакната со илјадници шилести колци, кои се користеле и како одбранбени барикади.

Адријан Анастаси, подводен археолог и водач на албанско-швајцарскиот проект наречен "Лин 3", на новинарката Рудина Џунга од албанската Тв Дритаре и' раскажа како во период од 4 години успеале да најдат докази и научно да потврдат дека најстарата населба во Европа се наоѓа токму во водите на Охридското Езеро, кај албанскиот град Поградец.

- Научно е докажано дека "Лин 3" е археолошки локалитет, меѓу најраните населби во Европа. Станува збор за посебни градби на носачи, кои се граделе на вода. Истражувањето го започнавме кон крајот на 2020 година, додека пред околу една година го добивме одговорот кој го очекувавме. Првиот научен доказ е сега достапен и докажа дека "Лин 3" бил изграден помеѓу 5800 и 5900 п.н.е. - вели Анастаси.

Тој додава дека станува збор за низа населби и многу долг временски период од 2 илјади години.

- Ова го прави локалитетот "Лин 3" најстарата населба во Европа. Несомнено, ова е големо откритие кое му служи на нашето минато и иднина, но и на самата наука. Станува збор за период од околу 2.000 години кога во континуитет се градело на овој простор. Од резултатите до кои дојдовме за хронологијата на оваа населба, се гледа дека таа постои истовремено со населбата во Костурското Езеро, изјави Анастаси за Тв Дритаре.

OhridPress уште минатата година пишуваше за работата на професорот Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, кој ги објави резултатите од соработката во рамките на регионалниот проект EXPLO која резултирала со интересни наоди во близина на селото Лин, кај Поградец, на албанскиот дел од Охридското Езеро. Преку внимателни ископувања и напредни анализи, тимот археолози дошол до заклучок дека населбата "Палафит" кај Лин е најстарата позната населба во Европа. Професорот Хафнер вели дека еден од најважните резултати на проектот EXPLO е фактот дека населбите во регионот, на брегот на езерото, се многу постари отколку што очекувале.

- Ова го покажаа податоците од "Плоча" и "Охридати" (две локации на северниот брег на Охридското Езеро, во Република Македонија) и Диспилио (Грција, езеро Касторија). Сепак, најстарите наоди од Лин се дури 100-200 години постари и се приближуваме до временската точка од 6.000 п.н.е. Езерската населба Лин на албанскиот брег на Охридското Езеро во иднина сигурно ќе игра важна улога во истражувањето. Нашите откритија покажуваат дека областа Лин на брегот на Охридското Езеро служела како центар за развој на земјоделството, занаетчиството и рибарството пред околу 8.500 години, изјави тогаш професорот Хафнер.

Откритието е резултат на соработката меѓу албанските археолози и тимот од Универзитетот во Берн. Нивните први активности беа со партнери во Република Македонија, како и со грчкиот тим EXPLO. Од 2018 година се воспоставени првите контакти со археолозите од Албанија по што следуваше добра соработка и во последната фаза од проектот EXPLO. Резултатите покажаа дека Лин во Албанија е алката што недостасуваше помеѓу локациите во Грција и Република Македонија и дека населбата "Палафит" во Лин е постара од сличните пронајдени во јужна Италија и Европа.

- Се обидуваме да иницираме понатамошни проекти во регионот, но тоа бара нови финансиски средства. Ископувањата се скапи и за напредни истражувања се потребни многу пари. Во алпскиот регион истражувањата во езерските населби се одвиваат веќе 150 години. Езерската област во Албанија, Грција и Република Македонија е вториот најважен регион во Европа по алпската област, со околу 1.000 локации и сè уште е недоволно истражен. Оваа област нуди голем потенцијал за идните генерации истражувачи, дециден е професорот Хафнер. (Крај)