Вело тура Охрид-Струга-Радожда оваа сабота во организација на ИПА Охрид - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Author: Daniela Spasik
Охрид/Струга, 6. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) - Со отворање на ИПА Вело експо и ИПА Вело штанд утревечер од 19:30 часот на градското пристаниште во Охрид, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, го започнува годинашниот ИПА Вело викенд "На точак, Охрид и Струга да видам".
Рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда ќе се одржи во сабота, 8-ми јуни, со почеток во 08:00 часот од градското пристаниште.
ИПА вело турата Охрид - Струга - Радожда, постанува се поатрактивна за вљубениците во рекреативниот велосипедизам, а годинава, свое учество пријавија над 100 учесници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија.
Преку оваа вело кампања ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.
- Денеска, кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки.
Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација, велат од ИПА Охрид.
Додаваат дека Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот.
Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување. (Крај)