Лазаревски: Меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар "Охрид Опен" годинава помасовен, пријавени над 300 натпреварувачи од 31 клуб - Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Source: Ohridpress - Брзо, точно, проверено... Се за Охрид
Author: Daniela Spasik
Охрид, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) - Во сабота во спортската сала "Билјанини извори" ќе се одржи четвртото издание на Меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар "Ohrid Open 2024", во организација на Македонската традиционална таеквондо федерација и таеквондо клуботот "Хва Ранг ИТФ" од Лескоец.
Претседателот на федерацијата Марјанчо Лазаревски за Супер радио и OhridPress информира дека годнава натпреварот е помасовен од претходните. Учество имаат пријавено над 300 натпреварувачи од 31 клуб од 10 земји во регионов, Молдавија, Романија, Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Грција, Бугарија, Албанија и секако Македонија.
- "Ohrid Open" од страна на ИТФ е ставен на рејтинг листата, каде што се собираат критериуми за Европски и Светски првенства. Ќе имаме чест во Охрид да гледаме неколку европски и светски шампиони, како непобедливиот Кирил Илиев од Фалкон - Благоевград кој е шесткратен Европски првак и актуелен Светски првак, како во теквон-до ИТФ, така и во кикбокс. Генерален спонзор на натпреварот е "ПН Метал", најзаслужен за издигнувањето на овој спортво Македонија и за сите нивни успеси. Овој натпревар е под покровителство на Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, вели Лазаревски.
Учесниците ќе се натпреваруваат во форми и борби. Почетокот е во 09:00 часот со форми, околу 12:00 часот почнуваат борбите, а официјалното, свечено отворање е во 14:30 часот. Влезот ќе биде слободен. (Крај)